Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа вистински дебакл (7-0) од Англија на „Олд Трафорд“ во третиот натпревар од квалификациите за ЕВРО 2024. Ова е дебакл кој треба да го вклучи алармот, сериозно да не загрижи, а можеби треба да се случат и промени. Затоа што иако Англија е моќна репрезентација, одамна не постигнала седум голови, дури ни против аутсајдерот Малта.

Македонските фудбалери беа тотално изгубени и индиспонирани на теренот и немоќни во секој поглед без ниту една шанса за гол, и ниту корнер.

Капитенот на Гордиот Албион, Хари Кејн во 29.минута донесе водство и потоа само се редеа голови во мрежата на Столе Димитриевски. Вториот беше дело на Букајо Сака кој постигна хет-трик. Во 39.минута распали и ја испрати топката под гредата. Маркус Рашфорд во 45.минута зголеми на 3-0 и најави дека претстои дебакл на Македонија.

Букајо Сака на почетокот на второто полувреме за четири минути стигна до хет-трик, шестиот гол беше дело на Калвин Филипс, а серијата голови ја затвори Хари Кејн од пенал.