Ова е втора победа за Македонија на ЕП. По поразот од Чешка на стартот, избраниците на селекторот Никола Василев остварија две победи, над Словачка и денеска против Бугарија. Бугарија, пак, го доживеа првиот пораз на ЕП.
Бугарите беа конкурентни само во првата четвртина, која ја добија со 15:18, а потоа на паркетот во СРЦ „Кале“ доминираа црвено-жолтите. Прво успеаја да израмнат, а потоа и да поведат и водството не го испуштија до крајот на натпреварот.
На пауза беше седум поени предност за Македонија (40:33), а во вториот дел избраниците на селекторот Василев ги демолираа Бугарите. Третата четвртина ја добија со 24:12 и во последните десет минути влегоа со предност од 19 поени (64:45). Последната четвртина започна со серија 7:0 на Македонија и прашање беше само со колкава разлика ќе биде изразена победата. На крајот Македонија славеше со убедливи 83:54.
Теодор Симиќ со 21 поен и осум скока и Андреј Митревски со 19 поени беа најдобри кај Македонија.
Следниот натпревар младинците ќе го играат утре, и тоа против врсниците од Ирска.
Македонската репрезентација како првопласирана ќе го продолжи настапот во нокаут-фазата од Европското првенство (ЕП), дивизија Б.
Жолто-црвените младинци одиграа фантастично кога беше најпотребно и покажаа дека имаат квалитет да се замешаат во борбата за еден од медалите, кои гарантираат промоција во европската елита.