Ова значи прескокнување на дури 33 позиции на ранг-листата на најдобрите според Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), но и огромен чекор како најдобро рангиран македонски тенисер на сите времиња. Ивановски сѐ уште е тинејџер, но и покрај тоа веќе е трет најдобар досега во „белиот спорт“ кај нас, прескокнувајќи го Лазар Магдинчев, чиј најдобар резултат бил 339. место на листата. Калин сега пред себе има уште две легенди за прескокнување, што ако продолжи со ваквите игри нема да му треба многу време да го стори тоа.
Следен „врв“ за освојување за 19-годишниот скопјанец е легендарниот Александар Китинов, кој во април 1996 година беше на 296. позиција на АТП-листата, што е за само седум места подобар пласман од тој што Ивановски ќе го има од следниот понеделник. Ова значи дека е прашање само на недели кога ќе го подобри пласманот на тенисерот, кој беше далеку попознат во игра на двојки, а во 1999 година беше дури и меѓу најдобрите 40 во светот. Потоа, Калин ќе треба да работи напорно за да го престигне веќе долго време најдобриот македонски тенисер на сите времиња, Предраг Русевски.
Популарниот „Пецко“ во ноември 2008 година беше на 242. позиција на листата најдобри светски тенисери, што е за шеесетина места подобар пласман од сегашниот на Ивановски. Сето ова секако ќе биде дополнителен мотив за тинејџерот, бидејќи престигнување на најдобриот резултат на Русевски автоматски ќе значи и влегување во кругот тенисери кои добиваат покана за настап во квалификациите на гренслем-турнирите.