Македонскиот првак Струга Трим Лум со втора победа против Будуќност (3-4) во Подгорица обезбеди пласман во третото коло од Конференциската лига каде ќе игра против Есперанж, клуб од Луксембург. Блескаше Марјан Радески кој постигна хет-трик, а погоди и Бесарт Ибраими.
Тимот на Шпетим Дуро одигра одличен натпревар. Будуќност поведе во седмата минута, кога Ѓуричковиќ ефектно ја затресе мрежата на Струга ТЛ по корнер.
Четири минути подоцна стружани брзо се вратија во игра и одговорија на ист начин, а стрелец беше Марјан Радески.
Стружани направија пресврт во третата минута од судиското надополнување во првото полувреме, а повторно стрелец беше Радески.
Имаше големо продолжение во првиот дел, па во осмата минута од надополнувањето, Василије Аџиќ погоди од слободен удар од околу 25 метри и израмни на 2-2.
Во второто полувреме Струга ТЛ го декласираше Будуќност.
Бесарт Ибраими во 66.минута беше прецизен од далечина и донесе пресврт во корист на Струга, а во 74.минута Марјан Радески комплетираше хет-трик, по слаломот на Буњамин Шабани.
Петар Секуловиќ во 82.минута намали на 3-4, но на крајот победата ја однесе Струга Трим Лум која патува во следното коло од Конференциската лига на УЕФА.