Фудбалската репрезентација на Македонија в понеделник (3 јуни) ќе одигра пријателски дуел против Хрватска која се подготвува за Европското првенство, а „коцкестите“ на тој натпревар нема да бидат во комплетен состав.
Во тимот ќе ја нема првата ѕвезда Лука Модриќ што и не е големо изненадување ако се знае дека два дена претходно тој со Реал Мадрид ќе настапи во финалето од Лигата на шампионите, против Борусија Дортмунд во Лондон. Ако Реал победи, многу веројатно на 3 јуни, кога се среќаваат Македонија и Хрватска, Модриќ ќе слави со фановите низ улиците на Мадрид.
Покрај фудбалерот на Реал, против Македонија нема да играат уште двајца искусни фудбалери од средниот ред – Марсело Брозовиќ од Ал Наср и Марио Пашалиќ од Аталанта. Неизвесен е и настапот на Никола Влашиќ за кого не се знае ни дали ќе биде подготвен за Европското првенство.
„Нема да бидеме комплетни против Македонија, ќе има измени во составот. По Македонија, следуваат 2-3 тренинга, па следува Португалија, меч во кој очекувам да бидеме во полн состав и тој дуел ќе ни даде насоки како да продолжиме до Европското првенство“, изјави селекторот на Хрватска, Златко Далиќ.
Македонската А репрезентација го оддржа денешниот утрински тренинг на тренинг центарот „Петар Милошевски“ како подготовка за контролните натпревари против Хрватска (3. јуни, Ријека) и Чешка (10. јуни, Храдец Кралове).
Репрезентацијата утре ќе биде во речиси комплетен состав со приклучувањето на Ѓоко Зајков, Столе Димитриевски, Александар Трајковски и Јани Атанасов.
Бојан Димоски со својот клуб Акрон Тољати на 1. јуни игра плеј-оф натпревар за влез во Првата руска лига и ќе им се приклучи на репрезентативните колеги на собирот во Хрватска.
Нашиот репрезентативен голман, Дејан Илиев вели дека сме оптимисти во пресрет на натпреварот против Хрватска.