Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез следното лето дефинитивно ќе го напушти Атлетико Мадрид, а како следна дестинација се споменуваат неколку клубови. Останувањето во Европа е опција, но „Ел Пистолеро“ би можел да избере поегзотичен предизвик. Така, според пишувањата на бразилски „Глоуб“, Ботафого го посакува Луис Суарез.

Бразилскиот клуб од Рио де Жанеиро има амбициозни планови под водство на новиот сопственик, американскиот бизнисмен Џон Текстор. Купи 90 отсто од акциите на клубот кој се соочуваше со финансиско фијаско и подготвува револуција. Тој сака да го направи Ботафого најсилниот тим во земјата, а првата аквизиција која треба да привлече големо внимание кај навивачите и јавноста би бил Луис Суарез.

Веќе се воспоставени првите контакти со поранешниот напаѓач на Барселона, Ливерпул, Ајакс и на Гронинген, но тој ја разгледува и опцијата за преселба во МЛС – лигата на САД, во Интер Мајами на Дејвид Бекам.