Баерн Минхен и Тотенхем успеале да постигнат конечен договор за трансферот на напаѓачот Хари Кејн, пренесува новинарот Дејвид Орнштајн. Според информациите, двата клуба постигнале договор за сума која се приближува до 100 милиони фунти.
Сега Хари Кејн треба да донесе одлука за својата иднина, а последните денови се појавија шпекулации дека фудбалерот не би имал ништо против да продолжи да игра за Тотенхем. Сепак, во текот на летото имаше информации дека напаѓачот сака да се пресели во баварскиот гигант, а германскиот шампион е оптимист дека може да се постигне договор уште во текот на денешниот ден.
Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде рекордна сума за нов играч дадена од Баерн Минхен. Договорот на Хари Кејн со Тотенхем истекува следната година и барем засега нема намера да го продолжи. Сите страни сакаат проблемот брзо да се реши бидејќи викендов започнува новата сезона во Премиер – лигата на Англија.