Бенфика од Лисабон е новиот освојувач на португалскиот Суперкуп. Шампионот на Португалија се радуваше на трофејот, откако во финалето го совлада големиот ривал и освојувач на националниот куп, Порто со 2-0.
Победата за лисабонските „орли“ ја најави аргентинскиот ветеран Анхел Ди Марија кој го отвори резултатот во 61. минута. Тој доби додавање на работ од шеснаесетникот и шутираше во далечниот агол од голот за 1-0.
Вториот гол дојде само седум минути подоцна. Рафа Силва продре од десната страна и му додаде на Петар Муса околу пеналтикот, а тој погоди за 2-0.
Бенфика по деветти пат во својата историја го освои Суперкупот, израмнувајќи се со големиот ривал Спортинг. Сепак, двата тима остануваат далеку од успесите на Порто, кој има 23 Суперкупа во витрините.