Португалецот Жоао Кансело доаѓа во Барселона. Каталонскиот гигант и Манчестер сити постигнале договор според кој Кансело ќе пристигне во каталонската престолнина и тоа како позајмен играч до крајот на сезоната.
Доколку Кансело одигра 70 отсто од мечевите сезонава, а Барселона успее да влезе во нокаут фазата од Лигата на шампиони, Каталонците автоматски ќе мора да го откупат неговиот договор и тоа за трансфер вреден 30 милиони евра.
Самиот фудбалер јавно кажуваше дека единствено сака да игра во Барселона, а и тренерот на Каталонците, Чави Ернандес даде „зелено светло“ за доведување на овој играч.
Кансело веќе неколку месеци воопшто не е во плановите на Пеп Гвардиола, па не случајно Манчестер сити го даде Кансело како позајмен играч во Баерн Минхен од јануари до крајот на минатата сезона.
До понеделник се очекува Кансело да ги одработи лекарските прегледи и потоа да се стави на располагање во новиот тим најверојатно за дуелот со Виљареал. Тој ќе биде четврто засилување во летниот преоден рок, откако претходно без обештетување пристигнаа Гундоган и Мартинез, а за доведување на Ромеу беа платени 3,8 милиони евра.