Дефанзивецот на Манчестер Сити, Бенџамин Менди (27) е обвинет за уште едно силување, пренесува Франс Прес. Тој е во истражен затвор од крајот на август, а во средата се појави пред судијата во Честер.
Менди ја освои светската титула со француската репрезентација во 2018 година, а сега е обвинет за седум силувања на четири жени и сексуален напад врз петта жена. Седмото обвинение за силување доаѓа од новиот обвинител кој го товари за напад во јули оваа година. Претходните обвинувања се однесуваат на периодот помеѓу октомври 2020 и август 2021 година.
Менди стана најскапиот одбранбен играч во историјата во 2017 година кога Манчестер Сити му плати на Монако 52 милиони фунти (околу 60 милиони евра). Пред тоа, францускиот фудбалер од 2013 до 2016 година беше во Марсеј, каде што дојде од Авр.