Македонсецот Бојан Миовски со својот Абердин ќе игра во Конференциска лига, откако на својот „Питодри“ не успеаа да изборат групи во поквалитетната Лига Европа. Загубија од шведски Хакен со 1-3, откако македонскиот центарфор го спаси шкотскиот клуб во првиот дуел за реми 2-2.
Абердин не го искористи домашниот терен, а јунак на Хакен беше Ибрахим Садик кој даде два гола, а во клучен момент на десет минути пред крајот изнуди пенал, за Швеѓаните да ја задржат предноста од два гола, откако Миовски по десет минути во вториот дел ја намали предноста со гол од пенал.
Имаше Миовски една пречка во првиот дел, а после голот и еден голем зицер за да израмни, а промаши чиста шанса и неговиот партнер Дук во првиот дел. Овие промашувања скапо ги чинеа Шкотите, кои сега мора да се задоволат само со настап во третото по ранг натпреварување.
Унион Сен Жил, Олимпијакос и Ајакс го потврдија пласманот во Лига Европа покрај Хакен, откако претходно пласман обезбедија и Карабах, Арис, Славија Прага, Шериф Тираспол и Спарта Прага.
Последен патник во Лига Европа е австриски ЛАСК Линц, кој во Мостар одигра реми 1-1 со Зрињски, па босанскиот првак го прати во Конференциската лига поради победата во првиот меч со 2-1.