Во ек на првата пресметка на Македонија и Италија вечерва од 20.45 часот, се појави и информација за подготовката на Интер да го купи Елмас од Наполи и да го искористи моментот што македонскиот репрезентативец нема голема минутажа кај Руди Гарсија, само 21 минута во три меча досега, иако Аурелио Де Лаурентис летово одби џиновски 30 милиони евра од РБ Лајпциг и од неименуван англиски премиерлигаш.
Елмас лани се поврзуваше со Милан, кој одбра да го купи Шарл Де Кетеларе од Бриж, сега даден на заем во Аталанта, па сега Интер веќе се подготвува за зимскиот преоден рок, иако последниов летен заврши пред една седмица.
Елмас има договор со Наполи до јуни 2024 година, а во јануари ќе влезе во последните 18 месеци од договорот и веќе објавија италијански медиуми дека не е најзаинтересиран за продолжување на договорот, па сето ова Интер сака да го искористи.
Во опција би биле две понуди, една директно во кеш, но за разумна цена до максимум 25-на милиони евра, а втората да го испратат Стефано Сенси во Неапол и да доплатат уште 15-на милиони евра.