Фудбалерите на Шпанија запишаа нова лесна и убедлива победа, после седумката во Грузија, со шестка го здробија Кипар (6-0), а Белгија славеше со 5-0 против Естонија, во натпревари за пласман на Еуро 2024.
Шпанците немаа потешкотии со Кипарците, во првото полувреме Гави и Мерино дадоа по еден гол, а во вториот дел Феран Торес додаде два, Хоселу и Баена по еден за убедлива победа, трета во четири дуели и второ место со девет бода од четири дуели. Шкотска со пет победи е прва и лидер во групата.
Во оваа група, Норвешка ја победи Грузија со 2-1 со головите на премиерлигашките ѕвезди Ерлинг Халанд и Мартин Одегард во првиот дел, па Норвежаните со седум бода сѐ уште се со шанси, иако претешка задача ги чека до крајот во последните два месеци за да дојдат до виза за Еуро 2024.
Белгија со четвртата победа и Австрија која славеше со 3-1 во Шведска, направија голем чекор кон пласманот на ЕП, зашто сега се на седум бода повеќе од „викинзите“ на три кола до крајот и веќе во октомври со по еден триумф двете селекции ќе го заверат настапот на континенталниот шампионат.
Ромелу Лукаку даде два гола, Вертонген, Тросар и Де Кетеларе по еден за лесниот триумф со 5-0 против Естонците. Два гола даде Марко Арнаутовиќ за Австрија, а еден Грегорич за победа на Австрија обезбедена во вториот дел против Шведска.
Израел со 1-0 славеше над Белорусија и остана во тесна трка за пласман во групата каде Швајцарија е лидер со 14 бода од шест меча после очекуваната победа со 3-0 над Андора.