Њукасл Јунајтед постигна убедлива победа на гостувањето кај Шефилд Јунајтед од 0-8 (0-3), во рамките на шестото коло на Премиер лигата. Избраниците на Еди Хау голгетерски беа расположени и ја наполнија мрежата на домаќинот на „Брамал Лејн“.

Стартот сепак не понуди голови, се играа мирни 20 минути пред да погоди Шон Лонгстаф. До полувремето меѓу стрелците за Њукасл се запишаа и дефанзивците Брн и Ботман, па „страчките“ заминаа на одмор со 0-3.

На стартот на продолжението, Њукасл влезе фуриозно и го сомле противникот. Шефилд немаше сили да парира, а во пет минути со два гола гостинот дојде до огромна предност. Калум Вилсон во 56. и Арон Гордон во 61. минута зголемија на огромни 0-5. Тука не беше крајот на шоуто на фудбалерите наЊукасл. Мигел Алмирон го даде шестиот гол, додека Бруно Гимараеш беше творец на седмиот во мрежата на Шефилд. Во самиот финиш во листата на стрелците се запиша и Исак за конечни 0-8.

Со оваа победа Њукасл дојде на осмото место со девет бода, додека Шефилд е „фенерџија“, со само еден освоен бод.