Бугарија пред нешто повеќе од три месеци пред старот на Лигата на нациите се силеше на прво место во групата, ама после јунскиот циклус шансите ги загуби, а репрезентацијата им одигра толку мизерно, по што за завршницата од овој циклус сега целта е – да не испаднат од Лига Ц.
Бугарија е вториот противник во овие два меча месецов на Македонија, а прво источните соседи ги чека „дербито“ со Гибралтар за да се избегне последното место и пласман во плејаут баражите за опстанок во третата по ранг дивизија.
Младен Крстаиќ, екс-српскиот репрезентативец и селектор сега го има жешкиот костен да ја врати довербата, но не поставува превисоки цели, туку очекува преку дисциплина и максимално залагање да се дојде до позитивни резултати кои ќе значат опстанок. Бугарија има само три бода од четири меча, беше посрамена од Грузија дома, Гибралтар им зема бод, па сега мечот со аутсајдерот за нив е најважен. За Македонија во моментов ни не размислуваат.
„Најважно сега е да останеме во Лига Ц. Тоа е основната цел, за да може да се врати довербата во националниот тим, а фудбалерите да стекнат самодоверба. Убеден сум дека можеме до добри резултати и да останеме во оваа дивизија. Потоа следи период за формирање на тимот, контролки во ноември, за да имаме тим за мартовскот старт на евроквалификациите. Сепак, најважно е сега да останеме во Лига Ц, зашто постои ризик и да испаднеме. Сега не размислуваме дали можеме на следното ЕП, важно е прво да создадеме дисциплина, да се види промена во тимот и играчите да го дадат максимумот, а со малку среќа можеме и до добри резултати“, вели новиот селектор Младен Крстаиќ.
Бугарија тргнува од овие два меча да создава и тим за следниот циклус иако за разлика од многу други генерации, општ е заклучокот кај соседот дека генерацијата е една од најслабите, ако не и најслаба во историјата.
„Очекуваме да видиме нов лик од репрезентативците, имаме нов тренер кој треба да го сложи тимот за квалификациите. Важно е сега фудбалерите да се поврзат, да ги видат барањата на селекторот, за да може да почнеме една нова страница. За репрезентацијата нема веќе мечеви без значај, а очекувам сите да бидат максимално мотивирани и против Гибралтар и против Македонија, а се надевам дека со добра игра можеме и до успех. Овие два меча се многу важни за изградбата на тимот“, рече техничкиот директор Георги „Гонзо“ Иванов.
Во групата Грузија има 10 бода, Македонија е на 7, Бугарија има 3, а Гибралтар бод. Македонија гостува во петок во Тбилиси, а ѝ треба победа со четири разлика за да го преземе првото место поради скопските 0-3. Бугарија, пак, има шанса и за втора позиција, но ќе мора да победи двапати, а притоа нашата селекција да не триумфира во ниту еден од двата меча.