Шпанскиот првак Барселона има ново чудо од дете во Ламине Јамал, кој со само 16 години неодоливо потсетува на потенцијалот со кој Лионел Меси пред две децении се појави на светската сцена во истиот дрес.
Момчето кое наполни 16 години во јули, oд почетокот на сезонава доби повеќе минутажа споредено со цела мината, се разбира, кога беше уште 15-годишен. Се појави на единствениот натпревар во Лигата на шампионите и на седум меча во Ла Лига, каде што веќе направи три асистенции. Затоа, пред утрешниот натпревар со Севиља, Чави Ернандес говореше за значењето кое може да го има овој тинејџер во Барселона, но и за односот на сите во клубот кон него, кој мора да биде беспрекорен.
„Ламин е вешт фудбалер, тој креира игра и затоа мора да го користиме и да не го занемаруваме. Потсетува на Меси, на Дембеле…мора да ги користиме неговите способности, за цела екипа да игра подобро. Да го храниме со топки и да му овозможиме да игра на теренот. Мора да се грижиме за него како што Рајкард се грижеше за Меси, тоа е добар пример. Мора да бидеме внимателни со менаџирање на минутажата, со физичкиот напор…важно е дека тој може да ни помогне во многу натпревари“, зборуваше Чави.
Меси дебитираше во Ла Лига во октомври 2004 година (против Еспањол), на свои 17 години, што значи повозрасен од што е сега Јамал. Во цела сезона одигра седум меча во Ла Лига и постигна еден гол, додека во ЛШ доби еден цел натпревар.