Тотенхем славеше во дербито против Ливерпул со 2-1 во седмото коло од Премиерлигата, и тоа со автогол на Жоел Матип.
Тотенхем со 17 бода се искачи на втората позиција на табелата во Премиер-лигата, само со бод заостанување во однос на лидерот Манчестер Сити. Во драматичен натпревар во Лондон, Жоел Матип си постигна несреќен автогол во судиското продолжение и му донесе триумф на Тотенхем.
Ливерпул на овој меч играше со деветмина на теренот во решавачкиот период од натпреварот.
Тотенхем поведе со голот на Сон во 36.минута, а десет минути претходно Куртис Џонс заработи црвен картон за Ливерпул.
Сепак, и со играч помалку Ливерпул израмни преку Коди Гакпо во последните мигови од првото полувреме.
Во вториот дел, Диого Жота беше исклучен поради два жолти картони во 69.минута, а на крајот и Матип си даде автогол за да го заокружи несреќниот меч за „црвените“.