Светскиот рекет број два влезе како прв фаворит на турнирот во Кина, но денеска беше совладан во полуфиналето од тенисерот со кој секогаш имаат интересни дуели.
Алкарас подобро го отвори денешниот дуел и поведе со 2:0, но откако не искористи брејк шанса за 3:0, дојде до промена на текот и Синер се врати со брејк. Двајцата загубија по уште еден свој сервис за 3:3, а потоа се стабилизираа на своите сервиси и стигнаа до тајбрејк завршница.
Во клучната фаза од првиот сет, Синер беше помирен и го доби овој дел со 7:4, по што следеше голема нервоза во играта на Алкарас, изразена со тежок пораз во вториот сет.
Јаник направи три брејка и славеше со 6:1, па сега има предност од 4:3 во дуелите со противникот, со кој изградија големо ривалство уште во раната фаза на кариерите.
Противник на Синер во финалето во Пекинг ќе биде Данил Медведев, кој денеска славеше над Саша Зверев со 2:0 во сетови.