Македонските ракометари во Бундеслигата, Филип Кузмановски како играч и Филип Миркуловски како помошник тренер, направија сензационален успех со својот Вецлар, елиминирајќи го Кил од 1/16-финалето во Купот на Германија.
Тимот на Македонците славеше на теренот на Кил, со 32-31, демонстрирајќи квалитет, но и истрајност во текот на 60 минути. Сензацијата беше најавена уште во првиот дел, кога Вецлар успеа да се врати по почетното водство на Кил, па наметна и свое, со највисоки три разлика (15-12).
На полувреме резултатот беше 19-17 за Вецлар, а вториот дел беше полувреме на нерви. Буквално сите, освен два напада, завршуваа со наизменични голови на едната и на другата страна.
Кил врза два гола за да изедначи на 22-22, а вториот пат беше во финишот на мечот, кога Оле Климпке, средниот бек на Вецлар врза два гола за водство од 32-30 во 58. минута, по што Кил не успеа да се врати.
Прв стрелец на дуелот беше словенечкото десно крило, Домен Новак, со 10 гола, осум постигна Лени Рубин, додека Филип Кузманоски не успеа да го реализира својот единствен удар кон голот, но имаше три асистенции и една украдена топка. Ерик Јоханесон беше прво име кај Кил со седум гола.