Манчестер Јунајтед уште еднаш разочара и значително си ги намали шансите за пласман во нокаут фазата од ЛШ.

По поразот од Баерн во Минхен во првото коло, на домашен терен беше совладан и од турскиот Галатасарај со 2-3, па без бод и со седум примени гола во првите два меча, се наоѓа на последното место во групата. Галата заслужува честитки затоа што два пати беше во негатива и два пати експресно се враќаше по головите на Хојлунд. Прво израмни Заха, а потоа и Актуркоглу, а Икарди во 81. минута го избегна епитетот трагичар зато што погоди за 3-2, три минути откако не успеа да реализира пенал и го промаши цел гол.

 

Првпат во историјата, Манчестер Јунајтед ја почнува групната фаза од Лигата на шампионите со два пораза и првпат бележи три порази по ред во натпреварувањата на УЕФА.

 

 

Реал Мадрид со идентични 3-2, триумфира на гостувањето кај Наполи. Шпанскиот гигант потсети на изданијата од претходните две сезони, повторно прв прими гол, Остегард го совлада Кепа, за потоа во период од седум минути Винисиус и Белингам направија пресврт во корист на Реал. На почетокот на второто полувреме Зјелински од пенал израмни, но во 78. минута, гостите сепак дојдоа до победничкиот гол. Валверде упати фантастичен удар, топката на патот закачи еден домашен играч, го измами голманот Мерет и заврши во мрежата на Наполи.

Покрај Реал, максимален ефект по две одиграни кола има само уште Баерн кој славеше на тешкото гостување кај Копенхаген со 2-1.