Барселона по релативно доброто прво полувреме и шансите во продолжението загуби на гостувањето кај Џирона (2-4). Најпријатното изненадување сезонава имаше сензационален блесок во кој со три гола за десет минути направи огромен пресврт. Кристенсен уште во третата минута ѝ донесе водство на гостинската екипа на асистенција на Јамал, а само една минута подоцна изедначи Довбик. Составот од „Камп Ноу“ во финишот од првото полувреме пак дојде до водство со голот на Левандовски од пенал кој го изнуди младиот Јамал, по што следуваше блиц-криг на домашните. Ветеранот Порту само што влезе во игра со првиот допир на топката во 65. минута го изедначи резултатот, а две минути подоцна му асистира на Гутиерез за прво водство. Истиот фудбалер стави точка на неверојатната вечер со маестрален гол во 74. минута.
Џирона со оваа победа ја прескокна Барса и на четири кола до крајот е на второто место со 74 бодови, еден повеќе од директниот ривал. Реал Мадрид има 87 бодови, што е веќе недостижно за било кој од овие два тима.