Манчестер Јунајтед беше на прагот на пораз и повторно да ги разочара своите навивачи, но со неверојатен пресврт во самиот финиш успеа да слави над незгодниот Брентфорд со 2-1. Домаќините беа долго во негатива, но успеаја во последните секунди да запишат многу важен триумф во Премиер лигата.

 

Јунајтед се покажа во уште едно бледо издание, а очигледна беше и силната фрустрација кај тренерот Ерик Тен Хаг. Манчестер Јунајтед јалово напаѓаше кон гостинскиот гол и беше евидентно дека екипата е со безидејна игра.

Брентфорд често се бранеше, но беше мотивиран да оствари голем резултат на тешкото гостување. Манчестер Јунајтед со сите сили се обиде да се врати во дуелот, а во самиот финиш следуваше пресврт од епски размери. Нововлезениот Скот Мектоминеј постигна два брзи гола во 93. и 97. минута, а домашната публика еруптираше и го „сруши“ стадионот. „Ѓаволите“ освоија многу важни три бода, иако губеа со 0-1 до 93. минута од мечот. Јунајтед со оваа победа се проби на деветтото место на табелата, со 12 освоени бодови.

 

Екипата на Челзи славеше со 1-4 на гостувањето кај Барнли во рамки на осмото коло од англиската Премиер лига. „Сините“ имаа негатива од 1-0, но потоа успеаја комплетно да го „скршат“ противникот.

Вилсон Одоберт во 10. минута донесе голема радост за навивачите кога Барнли поведе со 1-0, но домаќините си постигнаа и авто-гол во 41. минута преку Ал-Дакил и резултатот на паузата беше 1-1. Во вторите 45 минути сликата комплетно се промени, Челзи заигра многу посилно и на сцена стапи квалитетот.

Кол Палмер од пенал донесе водство во 49. минута, а потоа и му асистираше на Рахим Стерлинг, кој во 65. минута ја удвои предноста за Челзи. Конечните 1-4 беа дело на Николас Џексон во 75. минута од натпреварот. Челзи „врза“ две победи во серија и најавува подобрување на формата.

Евертон – Борнмут 3-0

Екипата на Евертон со убедливи 3-0 славеше над Борнмут. Гарнер, Харисон и Дукуре беа стрелци за домашниот состав, кој забележа исклучително важен триумф и за кратко побегна од опасната зона. „Карамелите“ сега се на петнаесеттото место на табелата, со седум  бодови.