Барселона донесе одлука што да прави со португалскиот напаѓач Жоао Феликс, кој е позајмен од Атлетико Мадрид. Каталонското издание „Спорт“ пренесува дека Португалецот веќе ги убедил сите во клубот со своите добри игри од почетокот на сезоната и Барса сака трајно да ги откупи неговите права по крајот на сезоната.
„Имаме цела сезона да подготвиме понуда која ќе ни овозможи да го задржиме Жоао Феликс. Ние сме многу задоволни од неговите настапи и тој е играч кој е омилен во сите области на клубот“, изјавија за „Спорт“ извори од Барселона.
Каталонскиот клуб реши сериозно да ја зголеми платата на Португалецот. По неговото пристигнување на крајот од летниот преоден рок, со играчот и неговиот агент Жорге Мендеш беше договорена годишна сума од 400.000 евра, што е многу под она што го заработува играч со негов квалитет, но беше неопходно поради економските проблеми на Барселона.
Сепак, во договорот на Португалецот има клаузула дека платата ќе му биде зголемена кога тоа ќе го дозволат финансиите на Барселона и ќе добие одобрение од Ла Лига. Сега кога е така, годишната плата на Феликс ќе порасне на речиси 4 милиони евра по сезона.