Репрезентацијата на Македонија оствари победа и во вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство во ракомет во 2024 година, на гости во Литванија, со 31-28.
На селекторот Кристијан Грчевски и на неговите избранички јасно им беше дека денешниот натпревар во Вилнус е клучен за пласман на ЕП и затоа пристапија максимално сериозно, но победата воопшто не дојде лесно, уште помалку убедливо.
Ракометарките на Литванија покажаа голема борбеност и долго време беа рамноправни, поради што се играше гол за гол во првите 20-тина минути. Македонија првпат поведе во 11-тата, со 8-7, а дури кон крајот на полувремето со серија од 4-1 поведе со 17-13. Сепак, Литванките не попуштаа и до паузата намалија на 17-15.
Во вториот дел Литванките изедначија, но полека почна и во резултатот да се воочува разликата во квалитет. Јована Мицевска фати неколку важни топки, Литванките правеа грешки во нападот и немаа среќа во реализацијата, па Македонија ја стабилизира разликата од 2-3 гола. Во 57. минута поведовме и со 29-25 и да немавме два промашени пенали во овој период, веројатно предноста ќе беше поубедлива.
Сара Ристовска беше прогласена за најкорисен играч на натпреварот со девет гола од 12 обиди, иако Андреа Седлоска беше одлична со осум од осум. Осум интервенции забележа Мицевска, со две ѝ помогна Драгана Петковска.
Со овие два бода, Македонија има четири, колку и Шпанија, која вчера го декласира Азербејџан со 38-18. Литванија и Азербејџан имаат по нула, така што само во теорија е возможно да ја стигнат нашата репрезентација, особено што возвратниот меч со Литванките го играме на домашен терен, во април, во последното коло. На ЕП ќесе пласираат првите две од групата, а шанса има и за четири од третопласираните во осумте групи.