Македонија беше дел од Европско првенство, играше во бараж за мундијалот во Катар, па освен респект кон селекцијата на Фарски Острови, не треба да се доведува во прашање резултатот на денешниот пријателски натпревар (18 часот-ТВ пренос на МТВ 3) на арената „Тодор Проески“.
Иако се очекува селекторот Благоја Милевски да направи некои измени, секако со шанса и за оние кои не играа против Малта, рејтингот што го има Македонија обврзува да се оствари нова победа.
“Натпреварот против Фарски Острови не смее да биде поразличен од било кој друг. Сите што се тука и кои ќе настапат го знаат тоа и мора да дадат сè од себе за да стигнеме до позитивен резултат. Треба да бидеме потполно фокусирани. Нема фаворити во денешниот фудбал и тоа ќе го кажам по којзнае кој пат. На ваков меч се испробуваат разни варијанти кои ќе ни помогнат за следните натпревари, но, секако, Македонија посакува победа“, истакнува селекторот Благоја Милевски.
Репрезентацијата на Македонија досега нема одиграно натпревар против Фарски Острови, а селекторот Благоја Милевски како предводник на младата селекција до 21 година има триумф од 7-1 против соодветната селекција на оваа земја. Во тој тим на Македонија играа Дарко Чурлинов, Милан Ристовски, Јани Атанасов…