Младите фудбалски надежи на Македонија до 19 години киксираа и ремизира со Казахстан (1-1), меѓутоа обезбедија елитна фаза квалификации за ЕП. На турнирот во Полска, токму победата над домаќинот во првото коло беше клучна и избраниците на Тони Јакимовски го освоија второто место во групата.
Македонските фудбалери дојдоа до позитивен резултат, а добија и услуга од Германците кои ремизираа со Полска. Така, првото место го зазедоа „панцерите“ со седум бода, Македонија поради подобар меѓусебен дуел е второпласирана со четири, а со исто толку Полјаците се третопласирани.
Казахстанците успеаја да изненадат, поведоа преку Жансултан Михаметханов во 25. минута и долго ја бранеа предноста. Сепак, недисциплината и многуте картони му донесоа исклучување на стрелецот на голот. Потоа момците на Јакимовски притиснаа а херој на натпреварот беше Адриан Зенделовски кој во 81. минута постигна гол за 1-1.
На вториот дуел од оваа група, Германците трипати се враќаа од негатива и одиграа нерешени 3-3 со домаќинот Полска, правејќи ни директна услуга.