Според „Блиц“, црно-белите ќе го ангажираат 32-годишниот Теренс Рос, кој 11 години настапуваше во НБА-лигата и притоа заработи повеќе од 90 милиони долари.
„Рос ги договори сите детали со Партизан, на играчот веќе му е испратен договорот за да го потпише и прашање на формалност и ден е кога ќе стане најголемо засилување за тимот во последните неколку години. Како што дознаваме, Рос и неговата сопруга, која е по потекло од Србија, веќе бараат училишта во Белград во кои ќе ги запишат своите деца, што е уште една потврда дека кошаркарот се договорил со Партизан“, пишува „Блиц“.
Теренс Рос на НБА-драфтот во 2012 година беше избран како 12-ти пик од страна на Торонто репторс и во канадскиот тим остана сè до 2017 година, кога беше разменет во Орландо меџик.
Во Орландо играше сè до минатата сезона, кога беше разменет во Феникс. Договорот со Феникс му истече на крајот од минатата сезоната и бидејќи ниту една НБА-екипа не му понуди договор за новата сезона, Рос одлучи да потпише за Партизан. Тој во 11-годишната НБА-кариера одигра 733 натпревари на кои просечно постигнуваше по 11 поени и 2,8 скокови.