Репрезентацијата на Македонија ја совлада Ерменија со 3-1 на пријателскиот дуел во Струмица. Победата дојде со головите на Александар Трајковски во 43.минута, Милан Ристовски во 59.минута и Ердон Даци во 88.минута од натпреварот. Стрелец за Ерменците беше Едуард Сперцијан во судиското продолжение, од слободен удар.
Во Прага шансите не беа реализирани, овојпат избраниците на Милевски покажаа дека лекцијата е научена.
На силен дожд, на стадионот „Благој Истатов“ одиграа квалитетно, потполно доминираа во пресметката со Ерменија и заслужено стигнаа до триумф.
Македонија дојде во водство од 1-0, по одличната акција на Елиф Елмас и на Александар Трајковски. Првиот асистираше, вториот мајсторски се ослободи од противникот и постигна гол за водство во 43.минута од дуелот.
Во второто полувреме, Македонија продолжи офанзивно и тоа донесе втор гол во мрежата на гостите.
Елмас изведе бравура по левата страна, се одлучи на удар во спротивниот агол и го погоди дирекот. Одбиената топка дојде до Милан Ристовски кој одлично се снајде и успеа да ја затресе мрежата на Ерменците.
Во финишот, гол постигна и Ердон Даци. Тој во 88.минута одлично реагираше во шеснаесетникот, го измами противничкиот голман и се погрижи за убедлив триумф на Македонија.
Во судиското продолжение, Едуард Сперцијан постигна гол од слободен удар за конечни 3-1.
Одбраната, и покрај примениот гол во финишот, сепак беше на висина на задачата, на голот овојпат беше Дамјан Шишковски кој имаше неколку сигурни интервенции, а во дефанзивното трио се појави Ахмед Иљазовски, кој остави добар впечаток.