Кошаркарите на Олимпијакос и Партизан одиграа трилер натпревар, еден од најатрактивните во Евролигата оваа сезона, а победникот беше решен во дополнителни пет минути.
На крајот се радуваше грчкиот шампион кој триумфираше со 98-94 иако кон средината на третата четвртина изгледаше дека е во безизлезна ситуација. Пред крајот на првото и на почетокот од второто полувреме, Партизан направи 28-4 и од негатива од 10, дојде до предност од 14 разлика (67-53).
Сепак, белградските „црно-бели“ не го издржаа темпото, нивното водство почна полека да се топи, за на 17 секунди пред крајот Олимпијакос да се врати во водство со 83-82. Во следниот напад, Пантер ја загуби топката, па Ларенѕакис од линијата за слободни фрлања ги однесе домаќините на +3. И место потоа да направат лична грешка, кошаркарите на грчкиот тим дозволија Партизан да организира напад, топката дојде во аголот кај Нанели кој непречен од никого погоди тројка за продолжение.
Во дополнителните пет минути Доузер мораше да излезе од игра поради пет лични грешки, Олимпијакос пак направи +3 (96-93), но сега не дозволи иста грешка, фаулиран беше Аврамовиќ кој намерно го промаши второто слободно фрлање, Вокап прифати и со два прецизни „пенала“ ја запечати победата на домашниот тим.
По четири кола, Олимпијакос има биланс 2/2, а Партизан е со само со една победа, остварена на гостински терен против Асвел.