Стратегот на Барселона, Чави Ернандез сезонава „извади“ неколку млади фудбалери во првиот тим, а се повеќе се наметнува 20-годишниот Фермин Лопез кој ги искористи повредите на дел од главните играчи за да го покаже својот квалитет.
Синоќа го одигра мечот на кариерата, против Шахтјор постигна гол и асистенција и беше прогласен за играч на натпреварот од Лигата на шампионите а од собата на ВАР му беше поништен и извонреден гол со глава. Овој дуел ќе остане во сеќавањата и поради светскиот рекорд што го постигна Лопез.
Тоа е голот кој синоќа испиша фудбалска историја.
При голот во 36. минута, неговиот шут бил со брзина од 230 километри на час што е убедливо најсилен шут во историјата на фудбалот. Интересно е тоа што покрај „јунаци“ како Роберто Карлос или Хулк, досегашниот рекорд го држел нивниот сонародник Рони Хеберсон кој како играч на Спортинг Лисабон, од слободен удар шутирал со брзина од 210,8 километри на час.
Фермин Лопез, кого медиумите во Каталонија го нарекоа Ферминатор, оваа сезона заигра за првиот на Барселона од чија школа потекнува. Лани беше на позајмица во Линарес, а сега на осум натпревари веќе постигна два гола. Тој е еден од плејадата млади играчи на каталонскиот тим од Ла Масија, покрај Гави, Педри, Јамал, Балде, Гују итн.