Аргентинецот Лионел Меси по осми пат во својата кариера ја доби Златната топка што ја доделува францускиот магазин Франс Фудбал.
Така ги остави далеку зад себе своите конкуренти, па на второто место, со пет вакви признанија остана Кристијано Роналдо, а по него се Мишел Платини, Јохан Кројф и Марко ван Бастен со по три. Многу веројатно, ова е последна Златна топка за 36-годишниот фудбалски волшебник кој летово го напушти елитниот фудбал и замина во МЛС, во тимот на Интер Мајами.
Клучно за оваа Златна топка беше освојувањето на титулата на Светското првенство во Катар, во декември минатата година. Меси на него постигна осум гола и ја предводеше аргентинската репрезентација до третата планетарна титула во историјата, а прва по 1986 година. Со тоа, поранешниот фудбалер на Барселона и ПСЖ ги комплетираше сите значајни трофеи во светот на фудбалот.
„Прекрасно е што можам повторно да уживам во ваков момент. Освојувањето на титулата на Светското првенство беше остварување на моите соништа. Не можев ни да замислам дека ќе имам ваква кариера и среќата што ја имав да бидам во најдобрите тимови во историјата. Им посакувам многу среќа на моите ривали во иднина, тие се млади, а сепак многу способни и знам дека многу брзо ќе се најдат на ова место“, изјави, меѓу другото, Меси.
Претходно, Меси ја освојуваше Златната топка во 2009, 2010, 2011, 2012, 2015, 2019 и 2021 година. Во конкуренција сега му беа фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд и на ПСЖ, Килијан Мбапе кој му беше соиграч претходните две години.
Во женска конкуренција, Златната топка ѝ припадна на шпанската репрезентативка Аитана Бонмати, член на Барселона која годинава со својот клуб триумфираше во Лигата на шампионите, а потоа и на Светското првенство. Во двете натпреварувања беше прогласена за МВП на финалните натпревари.