Пари Сен Жермен го суреди Нант со 4-2 за 20-та сезонска победа, загревање за супердербито со Баерн во среда во Минхен, но мечот на крајот го одбележа француската суперѕвезда Килијан Мбапе кој ја завери победата и испиша историја – стана најдобар стрелец во историјата на клубот.
Мбапе на само 24 години веќе запиша 201 гол и го надмина досегашниот рекордер Единсон Кавани со погодокот во 92-та минута од мечот, за да го крене „Паркот на принцовите“ на нозе и навивачите на „светците“ да го извикуваат неговото име.
ПСЖ ја најави победата со гол на Лионел Меси и автоголот на Хаџам после шут на Нуњо Мендеш за 17 минути, но брзо Нант се врати и тоа благодарение на пацерски гол што го прими Џиџо Донарума, откако Блас во 31-та погоди безмалку од мртов агол, а Ганаго потоа по корнер израмни во 37-та.
Данило Переира во 60-та ја врати предноста, а голманот Лафонт потоа спречуваше сѐ што шутнаа парижаните кон неговиот гол со низа бравурозни интервенции, па Мбапе стави печат во судиското надополнување.
ПСЖ со победата сега дојде до 63 бода, 11 повеќе од првиот конкурент за титулата Олимпик Марсеј, кој има и меч помалку.