Синоќешното реми на Исланд кај Романија (0-0) донесе огромна радост во Македонија, со оглед што нашата фудбалска репрезентација сега сама си решава за второто место во групата што води во баражот за СП 2022, а за што ѝ треба победа на задутрешниот дуел токму против Ислаѓаните.
За многумина, тоа е како веќе да сме ја завршиле работата, но така не мисли селекторот на „рибарите“, Арнар Видарсон, кој откри што им ветил на Романците пред заминувањето од Букурешт.
„Никој не можеше да предвиди дека ќе одиграме нерешено во романската престолнина и затоа сум задоволен. Но, се надевам дека ќе прикажеме исто таква добра игра и во Македонија. Романците беа пријателски настроени кон нас, па се надевам дека ќе им помогнеме. Сакаме да постигнеме добар резултат и во Скопје. Ако успееме, ќе се вратам за да ме почестите со пиво”, изјави Видарсон по натпреварот во Букурешт.
Романија во последното коло игра против Лихтенштајн, каде што тешко е да се очекува дека би кикснала, што значи дека со евентуален и крајно непосакуван кикс на жолто-црвените тогаш таа би била втора во групата.