Втора година по ред, кошаркарите на белградски Партизан на драматичен начин загубија од Басконија во Виторија. Лани прими тројка во последната секунда од основниот дел за продолжение по кое доживеа пораз, а вечерва шпанскиот тим славеше со 84-83, благодарение на двете погодени слободни фрлања на Чума Монеке на две секунди пред крајот.’
Шпанскиот тим до триумфот дојде со две слободни фрлања во самиот финиш, иако Партизан претходно имаше плус од осум поени. Во клучниот напад на домашните фаул направи Јарамаз при 82-83 за белграѓани при еден офанзивен скок и така Монеке стана јунак на Басконија, со две погодени слободни фрлања.
По серијата од 7-0, Шпанците отидоа на 80-77, Јарамаз одговори со тројка, Басконија пак поведе со 82-80, а завршниот удар го изведе Нанели кој на 12 секунди пред крајот постигна кош под фаул и го погоди слободното фрлање. Сепак, Басконија го имаше последниот напад, топата дојде до Монеке под кошот, а Јарамаз го фаулираше. Кошаркарот на Басконија не затрепери, два пати погоди и ѝ донесе победа на својата екипа со која е прекината серијата од пет порази во сите натпреварувања што доведе до тренерска смена и враќање на Душко Ивановиќ.
Имаше уште една секунда до крај, Обрадовиќ не успеа да испланира добар напад. Монеке заврши со 16 постигнати поени, пред Хауард со 14 поени, додека кај Партизан, Нанали имаше 16, а Вукчевиќ 13 постигнати поени.
Барселона на домашен терен славеше во дербито со Панатинаикос, со 80-72. Лидер беше Паркер со 17 поени, пред Паули со 12 поени, додека кај грчкиот тим, Грант заврши со 15 поени.
Победа оствари и Виртус Болоња, кој на домашен терен беше подобар од Анадолу Ефес (93-81). Кај победникот најдобар поентер беше Шенгелија со 19 поени, пред Белинели со 17 поени, додека кај турскиот претставник Беабуа постигна 17 поени.