Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски беше централната фигура на синоќешниот дуел против Реал Мадрид, а со своите одбрани го навлече гневот на големите ѕвезди на мадридскиот клуб.
Тоа особено важи за бразилскиот напаѓач Винисиус Жуниор со кого нашиот голман имаше конфликт во второто полувреме. При обид да спаси една топка, Димитриевски излезе надвор со неа, Бразилецот сакаше да му ја земе, Столе не ја даваше, а потоа голманот на Рајо падна на тревата. Противничките фудбалери мислеа дека симулира евентуален контакт, но Димитриевски по натпреварот рече дека само ја свиткал ногата, а потоа добил закани од Винисиус.
„Ништо особено не се случи, вакви работи се нормални. Тој се обиде да дојде до топката, јас го свиткав зглобот и паднав. Винисиус ми рече: „Ќе те чекам надвор“, но уште не сме се виделе. Ако навистина ме чека, ќе го прегрнам бидејќи ова е само фудбал и не треба да има ништо лошо меѓу нас“, изјави Димитриевски за емисијата Ел Чирингито по натпреварот.
Реал Мадрид и Рајо Ваљекано одиграа без голови на „Сантијаго Бернабе“, а Димитриевски беше прогласен за играч на натпреварот.