Фудбалери на македонската репрезентација имаа голгетерски беспрекорен викенд. Нашите Миовски, Елмас, Трајковски и Дориев постигнаа важни голови за своите тимови, избраниците на селекторор Милевски се во голема форма пред двата последни квалификациски дуели.
Македонската репрезентација ги загуби шансите за пласман на ЕП, но сепак имаме можност уште еднаш да ја шокираме Италија на која ѝ станавме ноќна мора.
За десетина дена повторно ќе имаме пресметка со нив, овојпат на Олимпико во Рим. За Италијанците тоа ќе биде натпревар кој мора да го добијат, па веста дека македонските напаѓачи имаа совршен викенд сигурно нема да ги израдува.
Напаѓачите Миовски, Елмас, Трајковски и Дориев постигнаа важни голови за своите тимови, погоди и Чурлинов за вториот тим на Барнли.
Бојан Миовски даде гол во финишот од мечот против Хибернијан и го однесе Абердин во финалето на шкотскиот Лига куп. Тоа беше единствениот гол на натпреварот.
Елиф Елмас ја запечати победата на Наполи во Салерно постигнувајќи го својот прв гол во Серија А оваа сезона.
Деби гол за Хајдук постигна Александар Трајковски за победа на сплитскиот тим против Рудеш.
Победа донесе и Љупчо Дориев кој постигна убав гол за Согдиана која оствари триумф од 1-0 во првенството на Узбекистан.
Гол во 89. минута постигна и Дарко Чурлинов за вториот тим на Барнли кој со 1-0 го совлада Шефилд јунајтед. Македонецот е во процес на враќање на терените, настапува за Барнли У21, но е во комбинација за настап за Македонија, кај селекторот Милевски.
И ако на сето ова ја додадеме и извонредната партија на Столе Димитриевски кој му одбрани сѐ на шпанскиот гигант Реал Мадрид на Сантијаго Бернабеу и беше прогласен за играч на натпреварот, Италијанците може да бидат сериозно загрижени.