Македонската репрезентација со реми 1-1 против Англија го заврши квалификацискиот циклус, и покажавме дека дуелот на Олд Трафорд не беше реална слика.

Нашите фудбалери одиграа одличен натпревар и го запреа гордиот Албион, Англија во своето трето гостување во Скопје првпат дома се враќа без победа.

Натпреварот почна со иницијатива на Англија, а првиот обид го имаше Деклан Рајс кој шутираше од далечина и ја погоди стативата од голот на Димитриевски.

Нападите на Англичаните претежно беа јалови,  а Македонија тешко доаѓаше до голот на Пикфорд. Но во финишот од првиот дел Миовски во еден воздушен дуел доби удар со лакт од дебитантот Рико Луис, судијата откако ја прегледа снимката покажа на белата точка за нашата репрезентација. Барди го изведе пеналот, ударот го одбрани Пикфорд, но одбиената топка дојде до македонскиот фудбалер кој даде гол за водство од 1-0.

https://twitter.com/i/status/1726698761920106870

По примениот гол Англија почна поагресивно да напаѓа, во судиското продолжение од првото полувреме се обидоа Луис и Арнолд од далечина, но Димитриевски беше поуспешен.

Со почетокот на вториот дел тргна лавина напади на Англија, по една минута игра Грилиш постигна гол по асистенција на Сака, но ВАР го поништи поради офсајд.

Во 58. минута Саутгејт го внесе Кејн во игра, а напаѓачот на Баерн Минхен по нафрлената топка од Фоден од корнер, по воздушниот дуел го принуди нашиот Атанасов да си постигне автогол.

Англичаните се обидуваа да направат пресврт, но одбраната на Македонија беше хомогена, одлично се бранеше и не им дозволуваше на Англичаните да креираат многу шанси. Конкретен обид  имаа во 82. минута кога Мегваер шутираше со глава, но тоа беше лесен плен за македонскиот голман.

Македонија имаше шанса преку Серафимов во 88. минута, македонскиот дефанзивец со глава испрати удар над пречката на Пикфорд.

Македонската репрезентација, заврши на четвртото место во групата со осум освоени бода, две победи, две нерешени и четири порази.