Калин Ивановски ја продолжи серијата победи и утрово во првото коло на Челинџер 75 турнирот во Јокохама. Тој го совлада Зизу Бергс од Белгија со 2-1 во сетови за 2 часа и 10 минути игра. Неговиот денешен ривал е на 152.место на АТП листата и на овој турнир дојде како победник на Челинџерот во Друмондвил, што значи дека е во добра форма.
Македонскиот тенисер направи пет брејка, додека Бергс имаше 2, што значи дека Ивановски спаси седум брејк топки.
Македонскиот тенисер на стартот од решавачкиот сет покажа дека максимално психолошки емподготвен и по загубениот сет претходно, веднаш на стартот на сетот направи брејк за 1:0. Следниот брејк го имаше во петтиот гем за 4:1 и сетот го заврши со 6:2.
Во второто коло Ивановски ќе игра против шестиот носител Лука Нарди од Италија (20 год., 118 на АТП ), кој во првото коло го совлада Јун Сеонг Чунг од Јужна Кореја. Нарди е во одлична форма на претходните два челинџер турнири во Јапонија триумфираше во Мацујама, а беше полуфиналист во Кобе претходната недела.