Шпанскиот тенисер Рафаел Надал по две победи по речиси едногодишно отсуство од терените денеска го претрпе и првиот пораз.  Надал загуби во пресметката со Австралиецот Џордан Томпсон (7-5, 6-7, 3-6), кој во моментов е 55. на АТП-листата.

Тоа беше исцрпувачки дуел кој траеше три ипол часа, во кој Шпанецот на крај снема сили односно почна да чувствува болки поради што побара и медицински тајмаут во петиот гем од решавачкиот сет. Ова беше дуел од четвртфиналето на турнирот од серијата „250“, каде што Надал сакаше со добра игра да покаже дека е подготвен за напорите на Австралија опен.

 

Шпанскиот тенисер за време на прекинот му покажуваше на физиотерапевтот што е проблемот, а тоа можеби е преголем напор за Шпанецот по долгата повреда. Тој не се предаде, се врати од соблекувалната и ги освои сите поени на свој сервис во следниот гем, но тоа не беше доволно за конечен пресврт и победа. Надал пропушти три меч топки, а две беа исклучително лесни прилики за него. Сепак, дојде до пад на концентрацијата, па следеше пресврт од соништата за Австралиецот.