Екипата на кралскиот клуб Реал Мадрид продолжува со одличните игри и резултати на гостински терен оваа сезона во Ла лига. Во натпревар од шпанскиот шампионат фудбалерите на Карло Анчелоти со 0-3 (0-1) го совладаа тимот на Кадиз и одново го презедоа врвот на табелата.
„Кралевите“ и со скрпен тим успеаја да освојат нови три бода на своето конто. Италијанскиот стратег Анчелоти за овој дуел не можеше да смета на Винициус, Кепа, Камавинга, Милитао и Чуамени, а се повреди и Модриќ, но сите отсуства ги покри Родриго, кој блесна на теренот во Кадиз.
Бразилскиот офанзивец ја имаше најдобрата претстава оваа сезона во дресот на Реал. Тој беше стрелец на првите два гола, а потоа впиша и асистенција до Белингем, кој по паузата од еден натпревар поради повреда се враќа со гол.
Реал е лидер на табелата во Примера, но може да биде симнат утре, за кога е закажан дуелот меѓу сензацијата Џирона и Атлетик Билбао.