Ракометарите на Еурофарм Пелистер останаа без освоен бод во ЛШ и по девет одиграни натпревари,беа поразени на гости кај Киелце (35-25) во Полска. Македонскиот првак е единствен без позитивен резултат во ракометната елита. Тренерот Ангеловски имаше евидентни проблеми во одбраната, посебно по вирусот на Кисум и неиграњето на Васиљев, заради забраната на полските власти Русинот да настапи на ова гостување.
Полскиот шампион Киелце покажа дека се работи за вистински дрим-тим покриен со по најмалку двајца врвни ракометари на сите позиции. Душебаев одлично си ја завршил работата од првиот дуел во Битола, одбраната беше на ниво и заслужено Полјаците дојдоа до полниот плен со кој се зацврстија на третото место во групата. Во следното коло Киелце гостува кај ПИК Сегед, додека Еурофарм Пелистер е домаќин на ППД Загреб.
Кијелце со серија од три гола поведе со 6-3, одличен на голот беше Волф, потоа дојде и до „плус четири“ (9-5), предност која се чуваше до полувремето (18-13), иако македонскиот првак дојде на негатива од три гола во 25. минута кога беше 15-12. На стартот на вториот дел Киелце не дозволи да му се случи ситуација како во Битола, па додаде „гас“ и тука го реши мечот пред својата публика против избраниците на Бранислав Ангеловски. Прво се замина на осум гола позитива (23-15), а откако Еурофарм Пелистер не доби поддршка од голманите, резултатот стана и +11 (27-16).
Цехте со 7 и Пешевски со 5 гола беа најефикасни кај Е. Пелистер.