Фудбалерите на Манчестер сити и Тотенхем одиграа неверојатен натпревар на „Итихад“ во дербито кое заврши без победник (3-3) во 14. коло од англиската Премиерлига.
Натпреварот почна динамично, а Хеунг-Мин Сон најпрво ја затресе мрежата на „граѓаните“ за водство од 1-0 во шестата минута, но набрзо си постигна автогол (1-1). Целосен пресврт за Сити обезбеди Фил Фоден во 31. минута.
Драма се случуваше во завршницата од натпреварот, откако најпрво Ло Селсо израмни на 2-2 со прекрасен удар во 69. минута.
Џек Грилиш го враќа водството за шампионот во 81. минута од средбата, а потоа Дејан Кулушевски во 90. минута погоди за 3-3.
Манчестер сити останува трет на табелата со 30 бодови, односно три помалку од лидерот Арсенал, додека Тотенхем е петти со 27 бода.