Барселона продолжи со лошите игри, и трет натпревар по ред нема победа, а по поразите од Џирона во Примера и од Антверп во ЛШ, избраниците на Чави не успеаја да победат во дуелот со Валенсија (1-1)

Во период од шест дена и трет кикс на Барселона која останува се подалеку од првото место на табелата во Ла Лига.

„Каталонците“ ја прекинаа серијата од пет победи против Валенсија и ремизираа на Местаља (1-1) во дербито на 17. коло. Фудбалерите на Барселона беа апсолутно подобар противник, но не ги искористија големите шанси и за тоа беа казнети.

Двата гола на натпреварот беа постигнати во второто полувреме. Резултатот го отвори Жоао Феликс по една фантастична акција која наликуваше на оние од најдобрите денови на Барселона. Де Јонг со длабинска топка го проигра Рафиња, овој врати пред голот, а таму осамен беше Португалецот кому му остана најлесниот дел од работата и ја затресе мрежата.

 

Три минути подоцна Феликс можеше да стави точка на победата на Барса, но не искористи чиста шанса, Рафиња исто така беше непрецизен, а казната стигна во 70. минута кога Гиљамон го израмни резултатот. Иако до крајот доминираше, гостинската екипа не успеа да дојде до останатите два бода.

Барселона сега има 35 бода, шест помалку од лидерот Жирона, со натпревар повеќе, додека Валенсија е на десеттото место со 20 бода.