Барселона синоќа им приреда ново разочарување на своите навивачи играјќи 1:1 на гости кај Валенсија, а еден статистички податок најдобро покажува дека шпанскиот тим си е самиот виновен за лошите резултати, но е далеку од формата и играта од минатата сезона во која ја освои титулата во Ла Лига.
Имено, Барселона има најголем број на промашени шанси меѓу екипите од петте најсилни лиги, има дури 44, а воедно има и најповеќе создадени шанси за гол. Процентот од 31 отсто реализација на големите шанси ја става Барселона на 76-то место меѓу екипите од петте најсилни лиги.
„Можеби сме меѓу најлошите екипи во Европа кога станува збор за ефикасноста пред противничкиот гол иако сме и меѓу екипите кои создаваат најмногу шанси за гол. Мораме да ја вратиме самодовербата кај фудбалерите за да бидат поефикасни во завршницата. Соблекувалната е разочарана и вознемирена, исто како и јас бидејќи одигравме добро против Валенсија, но тоа не беше доволно за да победиме. Тренерот мора да биде задоволен кога екипата игра добро, но ваквата реализација не е нормална“, изјави тренерот на Барселона, Чави Ернандес, по ремито со Валенсија.
Барселона до крајот на годината ќе игра против последнопласираната Алмерија и ќе има шанса со убедива победа да се врати самодовербата кај фудбалерите.