Во низата фудбалски бисери од младинската школа Ла Масија на Барселона, оваа сезона се истакна и 17-годишниот Марк Гују кој доби шанса кога тимот беше во криза со напаѓачите и максимално ја искористи.
На три натпревари постигна два гола, против Атлетик Билбао донесе победа со гол кој го постигна 23 секунди откако влезе во игра, а потоа погоди и против Антверпен, во Лигата на шампионите. Како награда за тоа, Гују наскоро ќе го потпише првиот професионален договор со Барселона.
Според информациите во каталонските медиуми, тој ќе биде со петгодишна важност, а Гују ќе го потпише на почетокот од новата година со оглед на тоа што на 4 јануари полни 18 години и станува полнолетен. Со тоа значително ќе порасне и неговата плата која во моментов изнесува 60 илјади евра годишно.