Екипата на Рома малку потешко, но ја заврши бајката на Кремонезе во Купот на Италија. „Волчицата“ дома го совлада аутсајдерот со пресврт (2-1) и се пласира меѓу осумте најдобри во натпреварувањето на „чизмата“.

 

Тимот на Кремонезе беше на работ на ново изненадување, но потклекна во финишот. Тсаџуд донесе предност за гостинот на „Олимпико“ во 37. минута и тоа беше резултатот на паузата.

Кремонезе одлично се бранеше од нападите на Рома, но во последните десет минути го загуби фокусот и прими два гола, за пораз и крај во Купот. Прво во 77. минута Лукаку донесе 1-1 по асистенција на Азмун, а потоа Дибала од пенал во 85. минута ја запечати победата на Рома.

Во следната фаза од Купот на Италија, следува римско дерби. Во четвртфиналето Лацио игра со Рома. Останатите четвртфинални двојки се Болоња – Фиорентина и Аталанта – Милан, а се чека ривалот на Фросиноне, тоа ќе биде Јувентус или Салернитана.