Екипата на Њукасл е победник во денешната пресметка од третата рунда во ФА купот и тоа како гостин кај најголемиот ривал Сандерленд (3-0), што беше прв дуел на овие два лути противника по пауза од осум години.
Навивачите до крај ги наполнија трибините на „Стадионот на светлината“, а крајниот исход беше очекуван, со оглед што играа учесникот во ЛШ против шестопласираниот тим во Чемпионшип лигата. Менаџерот на црно-белите, Еди Хау, не го комбинираше составот бидејќи знаеше дека за ваков меч е потребна целосна концентрација и сиот квлаитет за да биде завршена работата.
Шон Лонгстаф до половина од првото полувреме не реализираше две одлични шанси, но во 35. несреќниот Даниел Балард ја затресе сопствената мрежа кога интервенираше по центаршутот на Џолинтон. Веќе во почетните минути од продолжението, Мигел Алмирон ја исправи својата грешка од финишот на првите 45 минути и асистираше за Александар Исак, а истиот играч ја искористи можноста од пенал во 90-та да го постави конечниот резултат.
Попладнево се одиграа уште четири натпревар од третото коло во ФА Купот. Најубедлив беше тимот на Ковентри, кој пред својата публика со 6-2 го совлада Оксфорд Јунајтед. Сигурна победа извојува и Ипсвич над Вимблдон, додека ланскиот премиерлигаш Лестер Сити славеше на гостувањето кај Милвол со 2-3.
Најголемото изненадување го направи шестолигашот Мејдстон, кој го победи третолигашот Стивениџ (1-0).