Екипата на Бенфика постигна убедлива победа во вчерашното гостување кај Арука (3-0) во меч од 16. коло од португалската Примеира лига во кој еден од хероите беше хрватскиот напаѓач, Петар Муса.
Тој доби шанса во вториот дел и ја искористи на најдобар можен начин. Хрватот по нецели 15 минути откако стапна на теренот постигна маестрален гол за потврда на победата на својот тим. Муса во 85. минута на додавањето на Кокчу, мајсторски со петица ја заби топката во мрежата. Тоа беше фантастичен гол на хрватскиот репрезентативец, во стилот на Златан Ибрахимовиќ, кој има десетина вакви погодоци во својата кариера.
Претходно, Рафа Силва во 39. минута и Оркун Кокча во 47. минута беа стрелци за Бенфика, на која ѝ беа поништени и два гола во првото полувреме поради офсајд. Со овој триумф, Бенфика остана второпласирана на табелата, со само бод помалку од лидерот Спортинг.