Барселона со доста мака мина уште една пречка во Купот на Кралот. По тешкиот пораз од Реал Мадрид во финалето од Суперкупот во Ријад, каталонците одиграа сигурно против нисколигашот Унионистас и со победата од 1-3 обезбедија пласман во четвртфиналето.
Фудбалерите на Чави до сигурната победа стигнаа дури во второто полувреме, откако во првото се судрија со сериозни проблеми и негатива од 1-0. Домашниот тим во 31. минута го изненади фаворитот и преку Гомез со прекрасен удар од полуволеј дојде до големо водство. Сепак, до крајот на полувремето Феран Торес после еден контранапад во соло акција изедначи на 1-1, а Барса првпат поведе дури по 24 минути игра во вториот дел.
Вториот гол и водство за Барса беше еврогол а го постигна дефанзивецот Жил Кунде со страотен удар од дваесетина метри. Конечните 1-3 ги постави уште еден дефанзивец Балде, исто така по соло продор по левата страна, влезе во шеснаесетникот и со страотен удар ја закова топката под самата пречка . Треба да се напомене дека Чави на овој натпревар шанса им даде на неколку фудбалери кои што имаат помала минутажа како Гују, Роке, Кубарси, а во вториот дел во игра влегоа „тешкашите“ Левандовски, Гундоган, Педри…
Осминафиналниот круг ќе биде затворен вечерва, со големото дерби меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид.