Фудбалската репрезентација на Зеленортската Република (Капе Верде) е дефинитивно една од хит-репрезентациите на овогодинешното издание од Африканскиот Куп на нации.
Откако во првото коло извојува победа над силната Гана, денес славеше убедлива победа над Мозамбик (3-0) и со тоа обезбеди пласман во разигрувањето за титулата, а еден од головите беше навистина феноменален. Во 32. минута, Бебе упати еден исклучително силен удар од преку четириесет метри и на спектакуларен начин ја доведе својата репрезентација во водство од 1-0.
Сите очекуваа дека напаѓачот на Рајо Ваљекано ќе се обиде да нафрли од слободен удар, но тој се реши за директен шут во голот, испрати вистински проектил кој го изненади голманот на Мозамбик и топката заврши во мрежата. Радоста на навивачите беше огромна, а овој гол беше мотив повеќе за убедлив триумф на крајот од натпреварот.
Во вториот дел беа постигнати уште два гола, стрелци беа Мендес и Ленини, а Зеленортската Република на крајот извојува убедлив триумф со кој и дефинитивно се пласира во плеј-офот од Африканскиот Куп на нации. Ова значи дека еден од фаворитите во групата (Египет и Гана) ќе мора да ги спакува куферите откако ќе се одигра последното коло. Во малку подобра позиција се „фараоните“, кои имаат бод повеќе од Гана.